ПРОМОЦИЈА:
„КОМИЧНОТО И ХУМОРОТ“
ОД ИВАН ЏЕПАРОСКИ

На 20 март (среда), со почеток во 12 часот, на малата сцена во Театар Комедија ќе се одржи промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од професор Иван Џепароски. Кон книгата ќе се осврнат и ќе ја претстават професорот и писател, Александар Прокопиев, и професорката и театролог, Ана Стојаноска.

Книгата е сочинета од девет поглавја, кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи: За комичното, За комедијата, За црниот хумор, За иронијата (своевидни книжевно-театролошки одредници),  За писателите – со мала помош на црниот хумор, За уметноста – со мала помош на еден ирониски дијалог (лесни книжевни монолози и дијалози), Хуморот и сатирата: културолошки пристап, Комичното и хуморот: естетички пристап и Комичното и комедијата: Плаут (посложени есеи поврзани со културолошкиот, естетичкиот и книжевно-историскиот пристап). Во однос на текстовите поместени во книгата, авторот забележува: „Застапени се неколку мои не толку стари, но и неколку нови и необјавени текстови. Сите тие се повторно прегледани, преработени и поставени во нов контекст, врз основа на барањата на ова издание наменето за една поширока публика“.

Иван Џепароски (1958) е писател и филозоф, професор по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје, а предавал и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како и на неколку филозофски избори и поетски антологии. Добитник е на голем број награди и признанија. Негови поважни книги од областа на филозофијата се: Арго плови по Аксиј (1984), Во потрага по изгубениот тоталитет (1993), Уметничкото дело (1998), Отаде системот (2000), Филозофски приказни (2001), Естетика на возвишеното (2008), Став и суштина (2010), Дискурси на визуелното (2014), Култура и книжевност (2016), Естетика: Естетички категории (2020), Пандемија и постхуманизам (2022), Филозофија и книжевност (2023) и Два опита: Конески и Старделов (2023).

Книгата „Комичното и хуморот“ е издавачки потфат на „Театар Комедија“, во рамките на неговата благородната идеја за збогатување на својот библиотечен фонд и на книжевната понуда со стручни и важни дела за театарската уметност на македонски јазик. Книгата е подарок од Театар Комедија и нема да биде пуштена во продажба, а наскоро ќе биде достапна и за слободно преземање во електронска верзија на интернет-страницата на театарот, www.teatarkomedija.mk.

 

 

 

You may also like...