За нас

Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) е здружение на граѓани посветено на промоцијата на филозофијата и нејзиното изучување во Република С. Македонија. Здружението е формирано во 1956 година, а во својот сегашен облик постои од 2003 година. Оттогаш ФДМ има реализирано голем број проекти и остварено бројни соработки со институции и здруженија на проекти од областа на филозофијата, како и проекти од интердисциплинарен карактер. Организирани се голем број на филозофски средби, трибини, научни собири, симпозиуми и културни манифестации од кои посебно ги издвојуваме дводневниот симпозиум посветен на Имануел Кант (Битола, јуни 2004), Регионалната конференција на асоцијацијата на филозофите на Југоисточна Европа во 2007 чиј домаќин беше ФДМ, традиционалниот Меѓународен философски дијалог Исток – Запад, (Скопје – Св.Николе/Битола – Охрид) во заедничка организација со Македнската академија на науките и уметностите (МАНУ), Меѓународниот славјански универзитет „Г. Р. Державин“ и Филозофскиот факулет при Универзитот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Здружението од 2006 година е член на меѓународната организација на филозофски друштва – FISP (Fédération Internationale des Sociétés de Philosophie), а се јавува и како издавач на единственото домашно специјализирано филозофското списание – Филозофска трибина. Во рамките на својата издавачка дејност Друштвото, во соработка со други здруженија и институции, има издадено и неколку Зборници на трудови („Античкиот идеал на Kalokagathia“ /2016/, „Chronos и Kairos – Античките концепти за времето“ /2017/, „За душата“ /2018/, „Logos и Tropos“ /2020/). Исто така, во 2019 год., ФДМ ја покрена едицијата „Филмософија“ со излегувањето на публикацијата „Замислување на мирот: Дијалог за перцепцијата“ од Вим Вендерс и Мари Зурнази.

Една од главните активности на Друштвото од 2004 година е и организацијата на научни собири и симпозиуми по повод Светскиот ден на филозофијата којшто беше востановен од УНЕСКО во 2002 година и којшто се прославува насекаде низ светот. Во рамките на Светскиот ден на филозофијата во Македонија се организирани симпозиуми и научни собири посветени на мислители како Џорџ Беркли, Георг Вилхелм Фридрих Хегел, Огист Конт, Артур Шопенхауер, Дејвид Хјум, Чарлс Дарвин, Џанбатиста Вико, Карл Маркс, Протагора, но и научни конференции со проблемски определена тема: „Филозофијата и македонскиот јазик“, „Филозофијата на крстопат: аналитичка и/или континентална филозофија“, „Филозофијата денес“, „Филозофијата и образованието“, „Филозофија и политика“, „Филозофијата и современоста“, „Философијата и мирот“,„Промислување на пандемиите“, „Филозофската мисла во Македонија“ (Филозофското друштво на Македонија секоја година објавува број на Филозофска трибина со темат од симпозиумите). Покрај ова, Друштвото организира и бројни промоции на книги, разни предавања од областа на филозофијата и е континуирано посветено на промовирањето на филозофските вредности и култура во Македонија.

Од 2014 година, ФДМ се јавува во улога на организатор на интернационалната културна манифестација – Филозофски филмски фестивал (ФФФ), додека од 2019 година Друштвото почнува да организира лиценцирани државни натпревари по Филозофија за учениците од средношколско образование. Од 2022 год., ФДМ се јавува и како организатор на македонскиот натпревар за Меѓународната филозофска олимпијада.

Од бројните институции и организации со коишто Друштвото има соработувано ќе ги споменеме: Македонската академија на науките и уметностите, Францускиот институт во Скопје (Месец на француската филозофија и Филозофскиот филмски фестивал), Гете институтот Скопје (Месец на германската филозофија и ФФФ), Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (Месец на источната филозофија), Британската амбасада (Месец на британската филозофија), Италијанската, Иранската и Шпанската амбасада во Скопје (ФФФ), Здружението на класични филолози „Антика“ (неколку интердисциплинарни и меѓународни симпозиуми), ЕУ Инфо Центар во Скопје, Факултетот за музички уметности, Факултетот за драмски уметности, Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, МСУ „Гаврило Романович Державин“ – Свети Николе-Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот Еуропа Прима – Скопје, како и долгогодишната плодна соработка на Друштвото со Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Барање за зачленување

За да станете член на Филозофското друштво на Македонија најпрво треба да ја пополните Пристапницата на овој линк или да испратите Барање за зачленување на официјалната адреса за е-пошта на Друштвото. Барањето/Пристапницата ја разгледува Извршниот одбор на Друштвото, по што ќе добиете известување за статусот на вашето членство. Членовите се внесуваат во Регистар на членови.

Членарина
Со уплата на годишна членарина од 1000,00 денари ќе бидете внесени во Регистарот на членови. Уплатата за членарина може да се врши на годишна основа (или на неколку рати) на официјалната сметка на здружението со ПП10 доколку вршите готовинско плаќање или ПП30 за вирманско плаќање со наведување на годината (ратата за годината) за којшто уплаќате чланарина во Цел на дознака. Со членарината ги добивате 2-та броеви од тековната година од списанието „Филозофска трибина“.