Македонски натпревар
за Меѓународната
филозофска Олимпијада

Македонскиот натпревар за Меѓународната филозофска олимпијада (International Philosophy Olympiad, IPO) ќе се одржина 30 март (сабота) во СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, Скопје. Ова ќе биде трет пат како Филозофското друштво на Македонија организира ваков вид на натпревар.

На натпреварот можат да учествуваат ученици што ќе бидат пријавени од нивните наставници/ментори. Пријавувањето подразбира испраќање мејл (со наведување на името на ученикот) на контакт aдесата на Друштвото (macedonian.philosophy@gmail.com). Секој наставник може да пријави еден ученик и тоа без оглед дали учествувал (наставникот или ученикот) на кое било ниво од натпреварите по филозофија, чијшто овогодишен циклус заврши минатата седмица. На натпреварот, исто така, ќе можат да учествуваат и учениците коишто на споменатиот натпревар по филозофија биле рангирани на прво, второ или трето место, односно најмногу уште два ученика по наставник/ментор.

Натпреварот ќе се одржи според правилата на Меѓународната филозофска олимпијада, односно се состои од пишување есеј на еден од следните светски јазици (англиски, германски, француски или шпански); нашиот натпревар е само на англиски јазик. Пишувањето на есејот е во времетраење од 4 часа, а на учениците ќе им бидат понудени три теми за есејот, од кои тиe ќе избираат за пишување една (темите нема да бидат познати до денот на натпреварот). Есејот е анонимен, а на учениците им е дозволено да носат со себе и да консултираат Речник на англиски јазик. Шифрираните есеи ги прегледува и оценува петчлена Стручна комисија со бодовна скала од 1 до 10 и тоа според пет(те) критериуми востановени од IPO (релевантност на темата, филозофско разбирање на темата, аргументација со моќ на убедување, кохерентност и оригиналност). За секој критериум се добива оценка од 0 до 2.

Двата првопласирани ученици, заедно со македонскиот лидер на овие натпревари и еден ментор, ќе учествуваат на финалниот натпревар во Хелсинки, Финска (16-19 мај 2024). Патните трошоци учениците сами ги подмируваат, додека трошоците за сместување и исхрана во Хелсинки се покриени од страна на тамошните организатори.

You may also like...