ТРЕТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ
НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЛОГИКАТА

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по третпат ќе го одбележат Светскиот ден на логиката. По тој повод е предвидено онлајн предавање на тема: ФЕНОМЕНИТЕ НА КОМПЛЕТНОСТA И НЕКОМПЛЕТНОСТA ВО МАТЕМАТИЧКАТА ЛОГИКА со д-р Данко Илиќ.

Данко Илиќ завршил додипломски студии на Природно–математичкиот факултет во Скопје, постдипломски студии на универзитетите во Гетеборг и Утрехт, а докторирал во 2010 година на француската Политехничка школа. Предавал на универзитетите во Штип и во Орхус, Данска. Работел како истражувач во францускиот Национален институт за истражувања во информатиката, а потоа како експерт за формални докази во индустријата. Во 2011 година, австриското друштво „Курт Гедел“ му доделило златен медал за истражувања во математичката логика. Неговите научни придонеси во теоријата на докази и во интуиционизмот се инспирирани од концептите развиени во теоријата на програмски јазици и овозможуваат нов конструктивен поглед на феномените на комплетностa, на аксиомите на избор, како и на мета-теоријата на интуиционистичката логика.

Предавањето ќе се концентрира кон објаснувањето на феномените на комплетностa и на некомплетностa на формалните логички системи, започнувајќи од нивната историска генеза, па преку теоремите на Гедел и на Парис–Харингтон, и сѐ до некои од перспективите кои овие резултати ги отвориле или ги оставиле отворени до денешен ден.

Светскиот ден на логиката е востановен од УНЕСКО и од Меѓународниот совет за филозофија и хуманистички науки (International Council for Philosophy and Human Sciences) и започнува да се одбележува на 14 јануари 2019 година. Идеја водилка е подигнување на свесноста за значењето на логиката, како една од темелните филозофски дисциплини за развојот на човековите знаења во сите области и за унапредување на културата на дијалогот и заемното разбирање.

Настанот ќе се одржи на 13 јануари (сабота) со почеток во 11 часот и ќе може да се проследи преку Zoom – онлајн платформата на следниот линк: https://us06web.zoom.us/j/82100112447?pwd=MPwmILeLh4tXpfBPxsjkGdbqKoR5HX.1

You may also like...