Интердискурзивен дијалог
“Philosophia Christiana”:
ЧУМУ АНАРХИЗАМ?

Информираме за неколку дискусии што ги организираат нашите колеги од Фондацијата „Свети Фотиј Велики“. Имено под формата Форум за интердискурзивен дијалог “Philosophia Christiana” во среда и четврток (22 и 23 ноември, 19 ч.) ќе се одржат две дискусии. Првата е предвидена во Културно информативниот центар – Скопје, и на неа ќе гостуваат проф. д-р Давор Џалто од Катедрата за источно-христијански студии при University College Stockholm и проф. д-р Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје. Иницијатор и домаќин на Форумот е д-р отец Милан Ѓорѓевиќ, професор на Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ – Скопје. Тема на дискусијата е ЧУМУ АНАРХИЗАМ? – Анархистичкиот пристап кон политичката философија и теологија.

Термините „анархизам“ и „анархија“ се користат во јавниот дискурс најчесто на негативен начин, како синоними за хаос и неред. Низ својата историја, анархистичките политички философии биле дискредитирани како од либералните, така и од државно-комунистичките, на пр. болшевички позиции. Па сепак, во времето на „кризата на демократијата“ и растот на политичките тензии, се чини дека е неопходно повторно да се актуелизираат еманципаторските философии кои биле потиснати под притисокот на доминантните (либерални или автократски) општествени парадигми. Врз база на искуството на левичарските идеи и практики, терминот „анархизам“ ќе се користи во оваа дискусија за да означи првенствено еден метод. Во своето изложување, Давор Џалто ќе посвети внимание на импликациите од примената на методот на анархизмот во сферата на општествено-политичката философија и конкретното дејствување, како и во контекст на политичката теологија. Притоа, тој ќе ја аргументира тезата за важноста на анархизмот за православната политичка теологија и можноста за артикулирање на една православна „анархистичка теологија“. Респондент во дискусијата е Ристо Солунчев.

You may also like...