ФДМ дел од Интернационалната филозофска олимпијада

Филозофското друштво на Македонија по првпат ќе биде организатор на македонскиот натпревар за филозофската олимпијада (International Philosophy Olympiad). Натпреварот ќе се одржи на 2 април (сабота, 11:00 ч.) во просториите на ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје.

Право на учество ќе имаат сите ученици коишто на штотуку завршениот Државен натпревар по ФИЛОЗОФИЈА (за IV година средно образование) имаат освоено едно од првите три места според бодовната скала. Исто така, наставниците/ментори што имаа свои учесници во Регионалните и Државниот натпревар можат да пријават уште по двајца ученици. Пријавувањето е најдоцна до 29 март (вторник). Натпреварот е анонимен, трае 4 часа, и се состои во пишување есеј на еден светски јазик (во нашиот случај, англиски јазик). Учениците пишуваат на една од понудените три теми коишто нема да бидат познати до пред почетокот на натпреварот. Есеите ќе ги прегледува Комисија којашто ќе оценува според постоечките критериуми за овој вид на натпревари (релевантност на темата, филозофско разбирање на темата, аргументација со моќ на убедување, кохерентност и оригиналност).

✈️Првопласираните два ученика ќе патуваат во Лисабон на Меѓународната филозофска олимпијада (26-29 мај), со тоа што само за првопласираниот ученик Друштвото (организаторот) е во можност да обезбеди средства за покривање на патните трошоци.

You may also like...