СВЛ 2026 – Наградени ученици
Информација за победниците од сегментот Средношколска видеолектира од Едукативната програма на 16. Филозофски филмски фестивал. Овој сегмент од програмата се одржува во периодот април-мај и, со него,вообичаено започнува новото фестивалско издание. Годинава се стартува со проекцијата на филмот „Омраза“ (1995) од Матје Касовиц, во Културно информативниот центар – Скопје, на 9 април. Прикажувањето на филмот (следеа уште дваесеттина проекции во училиштата ширум Македонија) беше дел од поддршката на Францускиот институт во Скопје. Годинешната тема на Конкурсот (поврзан со филмот) за Најдобар фил(м)ософски есеј гласеше: „Анатомија на еден пад: ‘Засега е добро’ или зошто одбиваме да го гледаме распадот околу нас?“. До предвидениот рок (4 мај) десет ученици испратија есеи, а за нив (добиени во анонимна форма) одлучуваше тричлена стручна комисија во состав: проф. д-р (во пензија) Слободанка Марковска, д-р Марија Тодороска и Никола Стојкоски.
Според одлуката на Комисијата и по утврдувањето на идентитет на учениците од наша страна, наградени се есеите на следните три ученици:
– Трето место: ВАСЈА МИЦКОВСКИ (ментор: Владимир Ѓуровиќ), СУГС „Орце Николов“ – Скопје;
– Второ место: ДАНИЦА ЛЕВКОВА (ментор: Данка Јовева), СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип;
– Прво место: АНДРЕА КУКУШЕВА (ментор: Данка Јовева), СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип.
Наградените ученици ќе добијат:
– едногодишна стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“;
– пригодни награди од Францускиот инстирут во Скопје;
– финансиски награди;
– комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа „Аз-Буки“, Филозофскиот факултет и Филозофското друштво на Македонија.
Победничкиот есеј, како и секоја година, ќе биде објавен во есенскиот број на списанието „Филозофска трибина“.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Свечената сала на Филозофскиот факултет на 26 мај (вторник, утре), во 11:00 часот.



