Вера Георгиева добитничка на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година

Филозофското друштво на Македонија информира дека добитник на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година е проф. д-р Вера Георгиева. Конкурсот за наградите „Константин Философ“ беше распишан на 26 март, а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври 2026 година. Извршниот одбор на Друштвото формира Комисија за доделување на наградата во состав: проф. д-р Иван Џепароски, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје и дописен член на МАНУ (претседател), проф. д-р Слаѓана Ристиќ Горгиев, редовен професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш, Србија и проф. д-р Трајче Стојанов, редовен професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип (членови). Комисијата донесе едногласна одлука наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година да ѝ припадне на проф. д-р Вера Георгиева. 

Во подолгото образложение на одлуката Комисијата констатира дека „проф. д-р Вера Георгиева во својата досегашна професионална дејност се издвојува како една од најзначајните и најпрепознатливите филозофски автори во нашата земја. Таа, како автор на неколку монографски изданија и на многубројни научни трудови во еминентни научни списанија, како учесник на голем број научни симпозиуми во земјата и во странство, со својот минуциозен пристап во доменот на историјата на филозофијата, а особено во рамките на прашањата и темите поврзани со византиската филозофија, секогаш успева на соодветен и на прецизен начин да ги толкува сложените филозофски прашања поврзани со античката и византиската филозофија.“ Понатаму, Комисијата истакнува: „Како со својата научноистражувачка дејност, така и со својот педагошки ангажман и харизма, но и со напорите за поширока афирмација на значењето и вредноста на филозофијата, Георгиева на најдобар начин ја реализира  просветителската мисија на филозофскиот ангажман. Со тоа останува верна на духот на делото на Светите Кирил и Методиј – големите византиски мислители и општествено-културни дејци на поширокиот европски и словенски простор, патроните на нашиот универзитет, на кој таа го помина целиот свој работен век“.

Проф. д-р Вера Георгиева (1950) е интегрален дел на т.н. втора генерација македонски филозофи. Магистерската теза „Хајдегеровото толкување на Хераклитовиот логос“ ја брани на Филозофскиот факултет во Белград, додека докторската дисертација „Антрополошките импликации во филозофијата на исихазмот“ ја одбранила на Филозофскиот факултет во Скопје (1991). Од 1975 година па сè до заминувањето во пензија (2017) професионалниот ангажман го врзува со Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што низ годините ги предава предметите: Античка претсократовска филозофија, Античка систематска филозофија, Средновековна и ренесансна филозофија, Византиска филозофија, Арапска (исламска) филозофија, Еврејска филозофија, Толкување на историјата на филозофијата, Филозофија (општ курс). Голем број од тие предмети во универзитетскиот курикулум се воведени токму од неа, како на пр. Византиска филозофија (1999), предмет којшто има пошироко значење за нашата академска и културна заедница. Авторка е на четири монографии, како и на многубројни научни и стручни трудови публикувани во реномирани домашни и меѓународни списанија/зборници. Георгиева во два мандата била Претседател на Редакцискиот одбор на Годишниот зборник на Филозофскиот факултет во Скопје, а била член и во одборите за доделување на наградите „Гоце Делчев“ и државната награда „Св. Климент Охридски“. Од 2012 до 2016 година проф. д-р Вера Георгиева ја извршувала функцијата на Сенатор на УКИМ.

Номинацијата за наградата „Контантин Философ“ за животно дело за 2026 година за проф. Георгиева дојде од страна на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Свеченото врачување на наградата „Константин Философ“ за животно дело ќе се одржи на 17 ноември 2026 година со почеток во 9 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, во рамките на 23. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, во организација на Филозофското друштво на Македонија и Институтот за филозофија. 

You may also like...