Промоција на монографија
„Два опита (Конески и Старделов)“
од проф. д-р Иван Џепароски

На 5 март (вторник), со почеток од 13 часот во Салата за седници на Филозофскиот и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе се одржи промоцијата на монографијата „Два опита (Конески и Старделов)“ од проф. д-р Иван Џепароски.

На настанот воведно обраќање ќе имаат деканите на Филозофскиот факултет (проф. д-р Ратко Дуев) и на Филолошкиот факултет (проф. д-р Владимир Мартиновски), а книгата ќе ја промовираат проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Вангел Ноневски, коишто воедно се и рецензенти на изданието.

Монографијата Два опита (Конески и Старделов) претставува оригинално конципирано, консеквентно изведено и длабински промислено дело, во кое е изложен врвен аналитичко-критички и херменевтички пристап кон аспектите што ги поврзуваат делата на двајцата великани на современата македонска интелектуална и книжевна култура – Блаже Конески и Георги Старделов. Повеќеслојноста на оваа монографија се изразува во фактот што таа не само што нуди драгоцени информации за нивниот живот, дело и творечки искуства, туку ги елаборира и суштинските аспекти од нивниот придонес на планот на книжевноста, книжевната критика, естетиката и филозофијата.

(од рецензијата на проф. д-р Ана Димишковска)

 

Книгата Два опита (Конески и Старделов) претставува уникатен придонес кон нашата културна, филозофска и академска средина. Одбирајќи да ги претстави двајцата интелектуалци чии академски кариери биле заемно испреплетени, авторот погаѓа во суштината на одбраната тема: овие двајца великани да се престават не како засебни фигури (иако и таквиот пристап би бил легитимен), туку како дејци чиј ангажман бил меѓусебно испреплетен и надополнувачки.

(од рецензијата на проф. д-р Вангел Ноневски)

 

Промоцијата заеднички ја организираат Филозофскиот факултет и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

 

You may also like...