Наградата „Константин Философ“ за Филозофска книга на годината (2023) за двотомниот речник ФИЛОЗОФИЈА

Филозофското друштво на Македонија информира дека прв добитник на наградата „Константин Философ“ за Филозофска книга на годината за 2023 година е двотомниот речник „Македонска научна и стручна терминологија – ФИЛОЗОФИЈА“, подготвен од проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепароски. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023 год., а номинациите за оваа категорија траеја до 15 јануари. Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и
проф. д-р Сузана Симоновска (членови) донесе едногласна одлука наградата да се додели на овој лексикографски речник, којшто е создаден и објавен во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“, чијшто главен уредник е акад. Витомир Митевски.

Во своето образложение Комисијата истакнува дека „се работи за капитално научно и филозофско остварување, со висок степен на оригиналност за дела од ваков вид, со оправдано очекување за огромно влијание и особено значење за проучувањето, развојот и филозофското творештво во македонското говорно подрачје. Доволно сведоштво за оригиналноста е податокот дека од над 1000 термини 950 се изложени со значителна текстуална експликативна обработка. Влијанието на книгата врз проучувањето на историјата на филозофијата, нејзините современи текови, како и врз развојот и творечката дејност во сите филозофски дисциплини и подрачја е несомнено и очекувано поради долгото чувствување на потребата за стандардизација на македонската филозофска терминологија. Книгата е од големо значење за афирмацијата и развојот на македонскиот јазик што ѝ дава општа културна вредност и целосна општествена оправданост…“

Наградата ќе биде свечено врачена на одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 11 март, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.

 

You may also like...