Излезе од печат 27. издание на списанието „Филозофска трибина“

Излезе од печат заостанатото 27. издание на списанието „Филозофска трибина“. Бројот којшто требаше да излезе пролетта 2020 година, најнакрај доби свој книшки еквивалент. Во него се поместени два пригодна текста (in memoriam), посветени на проф. д-р Виолета Панзова (1948–2020) од универзитетските професори и колеги, Мирко Ѓошевски и Ана Димишковска. Исто така, приложен е омаж по повод 100 години од раѓањето на доајенот на македонската логичка мисла, проф. д-р Јонче Јосифовски (1920–2009), односно пригоден текст на проф. Вера Георгиева, како и еден текст од Јосифовски од 1969 година.

Главнината на оваа „Трибина“ се однесува на тематот: „Човекот како мера: 2500 години од раќањето на Протагора“. Во него читателите ќе можат да прочитаат 10 статии коишто првично беа презентирани на истоимениот симпозиум одржан на 16. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (21 ноември 2019), односно текстови од авторите: Витомир Митевски, Иван Џепароски, Мирко Ѓошевски, Радомир Виденовиќ, Душица Ѓокиќ, Бошко Караџов, Јасмина Мојсиева–Гушева, Марија Тодоровска, Самуел Садикарио–Колономос и Ана Кечан. Во 27. „Филозофска трибина“ се среќава и превод на еден текст на англиски јазик од српскиот филозоф Драган Проле од страна на Мариглен Демири, како и еден текст во рубриката Студентски форум од колешката Фросина Ѓоревска. Во рубриката Библиографии е предочен најголемиот дел од објавеното филозофско и логичко творештво на проф. Панзова. И на крај, во рубриката Филозофски живот можат да се најдат прилози со информации за филозофските настани и новите филозофски наслови меѓу две „Трибини“, како и поширок осврт кон 10. Филозофски филмски фестивал (21–31 мај 2020).

Излегувањето на овој број на „Филозофска трибини“ е самостојно издание на Филозофското друштво на Македонија и примероци наскоро ќе можат да се најдат во Книжарница Или Или, Култура – Во светот на книгите и Буква по цена од 150 ден. по примерок.

 

You may also like...