ЦИКЛУС ПРЕДАВАЊА
ЗА КИНЕСКАТА ФИЛОСОФИЈА
СО Д-Р ИГОР РАДЕВ

Во организација на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет – Скопје во периодот од 8 до 29 март 2024 година ќе се одржи циклус предавања на тема ТРИТЕ ТАКТА НА КИНЕСКАТА ФИЛОСОФИЈАсо д-р Игор Радев. Односно, во наредните четири петоци ќе се одржат следните предавања:

  1. (8 март) „Почетокот на кинеската философија во нејзиниот историски и општествен контекст“;
  2. (15 март) „Лао Це (老子: Ла̌о Ци̌’; circa VI век п.н.е.) и таоизмот“;
  3. (22 март) „Конфуциј (孔子: ‘Ко̌нг Ци̌’; 551-479 п.н.е.) и конфуцијанството“;
  4. (29 март) „Основите на кинескиот будизам (прв дел: Будистичкиот историјал во Индија; втор дел: Будистичкиот историјал во Кина)“.

 

Д-р Игор Радев е познат филолог, лингвист, синолог и преведувач. Дипломирал класични студии на Философскиот факултет во Скопје, магистрирал лингвистика и применета лингвистика, а докторирал кинеска филологија на Пекиншкиот Нормален Универзитетот, Н. Р. Кина.
Од богатиот опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик, ги издвојваме оние од сферата на философијата, односно: Книга на Патот и неговата Крепост од Лао Це (2012), Изреченијата со Големото учење и Учењето за средишноста од Конфуциј (2013) и Менциј (2019).
Член е на Светскиот совет на синолозите, на Книжевната асоцијација на земјите од Појасот и патот, како и на Светската асоцијација за кинески студии при Кинеската академија за општествени науки.
Во 2021 год. е добитник на „Кинеската награда за особен придонес во литературата“, која претставува највисокото признание во Н. Р. Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин. Претходно, во 2012 год. е добитник на наградата „Григор Прличев“ на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија за преводот од древнокинески на македонски јазик на Книгата на Патот и неговата Крепост од Лао Це, а во 2022 год. и на наградата на Град Скопје „13 Ноември“.

 

Предавањата ќе се одржат во Слушална бр. 8 на Филозофски факултет – Скопје, од 13:30 – 15:30 часот.

You may also like...