Philosophia Christiana 2025
Информираме за настаните што ги организираат нашите пријатели и колеги од Фондацијата „Свети Фотиј Велики“. Имено во рамките на формата Форум за интердискурзивен дијалог “Philosophia Christiana“ ќе се одржат неколку дискусии. Потсетуваме дека во 2017 и 2018 година во рамките на „Христијанскиот филозофски форум“ (организирани од Филозофското друштво на Македонија) се одржаа десетина панели. Во 2022 година Фондацијата „Свети Фотиј Велики“ ги продолжи дискусиите во Форумот (со Друштвото како соорганизатор), додека во 2023 година, сега како Форум за интердискурзивен дијалог “Philosophia Christiana“ (и во организација на Фондацијата), се одржаа уште неколку настани. Годинава организаторите предвидуваат три панел-дискусии.

Првата дискусија, на тема: „Homo Veritatis: За вистината во јавниот дискурс“ ќе се одржи на 27 ноември (четврток, 19ч.), во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Гости на дискусијата ќе бидат: Дионисиос Склирис (Атина), професор по философија на Богословскиот факултет во Атина и новинар во неделникот Το Βήμα, и Ненад Марковиќ (Скопје), професор по политички науки и еден од основачите на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“. Домаќин на дискусијата (всушност на сите панели), е идејниот творец и основачот на Форумот, отец Милан Ѓорѓевиќ, професор на Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ – Скопје.

„Што е вистина?“ (Јован 18,38) – прашува Понтиј Пилат, без да очекува каков било одговор. За циничниот ум, вистината не е ниту супстанцијална стварност, ниту етичка категорија неразделна од доброто и убавото. Вистината не само што не може да се спознае, туку е наполно ирелевантна. Денес, Пилатовото прашање дејствува како код што ја одредува носечката специфика на јавниот дискурс. Цинизмот и „пост-вистината“ го обликуваат начинот на кој ги доживуваме и ги третираме медиумите, политиката и општествените процеси. Во таков амбиент вистината често се третира како средство – нешто што може да се создава, премолчува или модулира согласно други цели и интереси. Дигиталните технологии го засилуваат ваквиот тренд: важно е да се привлече внимание, а не нужно да се спознае или да се посведочи вистината.

Втората дискусија од Форумот ќе се одржи наредната вечер (28 ноември, петок, 19ч.), повторно во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје, и на неа ќе учествуваат: Сотирис Митралексис од Лондонскиот универзитетски колеџ (UCL) и Институтот за православни христијански студии во Кембриџ (IOCS) и Александар Таковски од AAB Колеџот во Приштина. Темата за вториот форум е „Homo Religiosus: За човекот како религиозно битие“.

Во европската мисла религиозноста се разбира на два спротивставени начина: како вродена, т.е. како нешто што секој човек го поседува по природа, или како стекната под различни психолошки и социјални влијанија. Но, што всушност подразбираме под религиозност и кога се појавува овој концепт? Историјата покажува дека современиот концепт за религија не постоел отсекогаш; во многу епохи и култури воопшто не се користи како категорија. Самото христијанство – денес најголемата „светска религија“ – не се восприемало себеси како „религија“, а уште помалку како такви ги именувало другите облици на верување. Со оглед на тоа дека човекот ја концептуализира стварноста преку јазикот што го зборува, тоа го обликува и нашето разбирање на религиозноста. Дали стварноста што современата западна култура се обидува да ја означи со овој поим би изгледала поинаку доколку ја изразиме преку други зборови? Дали би останала иста или неминовно би се изменила? Можеби тогаш би се отвориле нови прашања, а стандардните дискусии за религиозноста и нерелигиозноста би се покажале како културно и лингвистички условени.

Третата дискусија од Форумот ќе се одржи на 4 декември (четврток, 19ч.), исто така во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје, и на неа ќе земат учество: д-р Стјепан Штивиќ, истражувач на Теолошкиот факултет при Универзитетот во Љубљана и д-р Дејан Донев, професор по етика на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје. Темата за третиот гласи: „Homo Deus: Етиката, верата и трансхуманизмот“.

Темата за трансхуманизмот, во поново време ги напушта жанровските граници на научната фантастика и полека но сигурно влегува во сферата на интересот на повеќе академски дисциплини – вклучително философијата, етиката и теологијата. Идејата за усовршувањето на човекот по мерката на сопствените научни достигнувања – иако не радикално нова – во денешно време поприма сѐ порадикални облици и станува општо застапена во јавниот дискурс.
Настаните се од отворен карактер, односно сите се добредојдени да ги збогатат случувањата со своето присуство.
Работен јазик на првите два панела е англискиот јазик, додека на третиот хрватски и македонски јазик.



