Љубомир Цуцуловски добитник
на наградата „Константин Философ“
за животно дело за 2025 година

Филозофското друштво на Македонија информира дека добитник на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2025 година е проф. д-р Љубомир Цуцуловски. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 1 април 2025 год., а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври. Извршниот одбор на Друштвото формира Комисија за доделување на наградата во состав: акад. Витомир Митевски, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје (претседател), проф. д-р Иван Џепароски, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд (членови). Комисијата донесе едногласна одлука наградата да му припадне на проф. д-р Љубомир Цуцуловски.

Во образложението Комисијата ги акцентира трите есенцијални белези за оваа награда истакнати во Конкурсот: вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, филозофското образование и афирмација на филозофијата во земјата и во странство. Помеѓу останатото, Комисијата истакнува: „… Анализата на обемниот и разновиден опус на проф. д-р Љубомир Цуцуловски, како и на дострелите на неговата повеќедецениска педагошка дејност, сведочи за тоа дека како една од најзначајните одлики на неговиот филозофски профил може да се посочи тесната поврзаност на теоријата и практиката. Ова не се однесува единствено на врската меѓу теориската и практичката филозофија во сферата на неговите филозофски интересирања, туку и на врската меѓу теориското проучување на филозофијата и примената на нејзините методи и алатки како средства за прониклива и бескомпромисна анализа и евалуација на реалните општествени феномени.“

Љубомир Цуцуловски (1948) припаѓа на, условно кажано, втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза ја брани на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1983), додека докторската дисертација на Филозофскиот факултет во Скопје (1992). Од 1975 година па сè до заминувањето во пензија (2013) професионалниот ангажман го врзува со Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава предметите: Увод во марксизмот, Марксистичка филозофија, Историја на марксизмот, Увод во филозофијата, Филозофија на религијата и Филозофија – општ курс. Автор е на шест книги, како и на обемен предговор кон македонскиот превод на делото на Маркс и Енгелс „Манифест на комунистичката партија“. Библиографијата на проф. д-р Љубомир Цуцуловски опфаќа и над шестотини (600) стручни и публицистички текстови во повеќе стручни списанија, како и во дневниот печат. Професорот Цуцуловски е раководител на Институт за филозофија во два мандата (1999–2005), како и претседател на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје (2000–2004)…

 

Професорот Цуцуловски беше номиниран од страна на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Наградата ќе биде свечено врачена на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата, на 20 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.

You may also like...