20. ЧЕСТВУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФИЛОЗОФИЈАТА

16 ноември 2023 (10 ч.), Филозофски факултет

На 16 ноември ќе се одбележи Светскиот ден на филозофијата. Настанот (веќе) традиционално ќе биде отворен со Мал концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност, во класата на проф. м-р Дарко Багески. Собирот со пригодна реч ќе го поздрават деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев и раководителот на Институтот за филозофија, проф. д-р Ана Димишковска. Во овој свечен сегмент од Програмата е предвидено доделувањето на наградата „Константин Философ“ за животно дело. Со оваа нововостановена награда на Филозофското друштво на Македонија прв ќе биде овенчан акад. Ферид Мухиќ.

Работниот дел од 20. чествување на Светскиот ден на филозофијата е оличен со симпозум на тема: „АДАМ СМИТ: 300 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО“. На него ќе земат учество осум (8) бележити филозофи и истражувачи, поделени во две сесии (Љубомир Гајдов, Радомир Виденовиќ, Денко Скаловски, Стивен Фридман, Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Куштрим Ахмети и Игор Поп Трајков).

Организатори на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата се Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Филозофското друштво на Македонија, а настанот ќе се одржи во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 10 часот.

Постер

Програма

Музичка програма

Апстракти

You may also like...