ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ
НА ФИЛОЗОФСКОТО ДРУШТВО
НА МАКЕДОНИЈА

На 10 март се навршуваат 21 година од непрекинатото делување на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ) во сегашниот облик. Друштвото, се разбира, има постара традиција и историја, односно е основано во 1956 година како прво професионално здружение од областа на општeствените и хуманистичките дисциплини во повоена Македонија. Сепак во 2003 год. поради тогаш новиот закон за здруженија на граѓани, се појави потреба од пререгистрација на сите здруженија. Па така, на 10 март посочената година беше одржано основачко собрание на 11 иницијатори (Коле Јовановски, Љубомир Цуцуловски, Сузана Симоновска, Лазар Фотев, Владимир Давчев, Дејан Ничевски, Иван Џепароски, Ивица Весов, Силвана Димитровска, Денко Скаловски и Љупчо Митковски) и оттогаш тој датум интерно го славиме како Ден на Филозофското друштво на Македонија. Минатата година, Извршниот одбор на ФДМ одлучи од 2024 година одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија да биде поврзано со доделувањето на наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината (за претходната година).

Со оглед на тоа што 10 март се паѓа во недела, настанот на доделувањето на наградата годинава ќе се одржи на 11 март на Филозофскиот факултет во Скопје (Сала за седници, 11 ч.). Како што претходно инфомиравме, Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател),
проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови) донесе едногласна одлука наградата да се додели на двотомниот речник „МАКЕДОНСКА НАУЧНА И СТРУЧНА ТЕРМИНОЛОГИЈА – ФИЛОЗОФИЈА“, подготвен од страна на проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепароски. Овој капитален потфат е создаден и објавен во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“ (чијшто главен уредник е академик Витомир Митевски).

Пред доделувањето на наградата ќе се одржи и промоција на списанието што го издава ФДМ „ФИЛОЗОФСКА ТРИБИНА 33“. Овој број излезе минатата година и негов централен дел претставува тематот „Современите предизвици на филозофијата и/на науката“. Во него се поместени 11 авторски текстови од истоимениот симпозиум одржан во рамките на 19. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (2022). На почетокот на бројот се наоѓа  пригодното обраќање на Ернесто Ередеро дел Кампо (поранешен заменик шеф на мисија на Шпанската амбасада во Скопје). Исто така, во списанието има и еден превод на текст, како и текст во рубриката Студентски форум. Потсетуваме дека целокупната содржина на бројот можете да ја најдете на следниот линк од веб-страницата на Филозофското друштво на Македонија: https://fdm.mk/filozofska-tribina-br-33/. „ФИЛОЗОФСКА ТРИБИНА 33“ ќе ја промовира проф. д-р Марија Тодоровска.

You may also like...