ФОКУС МИЛЧО МАНЧЕВСКИ
На 1 февруари во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ (19 ч.) ќе се одржат два настани во чијшто центар е творештвото на едно од нашите најзначајни режисерски имиња и еден од најголемите амбасадори на македонската култура и уметност во светот, Милчо Манчевски.
Најпрвин (19 ч.), ќе биде промовирана публикацијата МАНЧЕВСКИ: ПЕТ ЕСЕИ (2023, издание на Филозофското друштво на Македонија), додека подоцна (20 ч.) ќе бидат прикажани филмовите БИКИНИ МУН (2017, 102’), ЧЕТВРТОК (2013, 2’) и КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО (2017, 6’). Музика од БИКИНИ МУН ќе пушта DJ Игор Василев – Новоградска (којшто воедно е и автор на музиката во филмот).
Двојазичното издание МАНЧЕВСКИ: ПЕТ ЕСЕИ (трета книга во едицијата Филмософија) ќе биде промовирано од проф. д-р Ана Димишковска, а фрагменти од есеите ќе читаат актерите: Никола Ристески и Елена Кузманов. Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), коишто се пишувани во период од 1994 па сè до 2022 година. Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска. Излегувањето на книгата беше поддржано од Министерството за култура.
Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето на филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа.
БИКИНИ МУН е петтиот филм на Милчо Манчевски, снимен во Њујорк, овој како американска продукција. Манчевски живее во Њујорк од 1985 год., и БИКИНИ МУН е прв негов американски проект по краткометражните ЧЕТВРТОК (2013) и американско-кубанската копродукција КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО (2017), кои, исто така, ќе бидат прикажани на овој настан. Манчевски, како и во сите свои филмови се јавува и во улога на сценарист, но во овој филм косценарист е В.П. Розентал. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Јановиц, Сатја Шридаран…
Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм-во-филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана…
Филмот го отвора прашањето и го испитува начинот на кој гледаме на светот преку медиумите кои изискуваат да се гледаат како реалност, притоа поставувајќи ги непријатните прашања за често експлоататорскиот однос помеѓу медиумите и неговите субјекти…
ЧЕТВРТОК е краток експериментален филм на Манчевски, кој ја продолжува неговата фасцинација со оваа филмска форма уште од студентските денови. Премиерно беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал во програмата „Venice 70 – Future Reloaded“, во рамките на одбележувањето на неговото 70–то издание.
Животот е некаде на друго место. Толпа од луѓе се движи по вжештениот бетон, кон стаклените кули и во устите на подземните железници, со очи залепени на малите екрани. Жедни ги апсорбираат сликите кои надоаѓаат од секој крај на планетата, несвесни за животот пред сопствените очи. Кога нашата стварност е мегалополисот, реалниот или виртуелниот (интернет) амбиент на хиперсензации, ЧЕТВРТОК не навраќа на важноста на тоа да ги фокусираме нашите „отсутни перцепции“ кон вистинските, животно суштински значења…
КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО е добитник на наколку престижни признанија: наградата Елен на еден од најреномираните фестивали за краток филм во Аспен, Колорадо; наградата на чешкиот фестивал на документарен и експериментален филм; наградата за најдобар ненаративен филм на Берлинскиот фестивал на експериментален филм; наградата на Белград Алтернативи, најстариот балкански фестивал на алтернативен и
експериментален филм итн…
Импресивна минималистичка феноменологија на времето, свеста и себството. Суптилно ликовно раслојување на свеста за траењето на мноштво временски линии во рамките на еден кадар и дестилација на една чиста емоција. Едно сончево кубанско попладне на улица во Сан Антонио де Лос Бањос кадрираниот мизансцен постепено се распаѓа, фрагментирајќи се во кристална сликовна структура со дисритмично траење на целината, микро-сликовен архипелаг со нееднакво забавување на деловите. Потрагата по фиксна точка хипнотизира, малаксува и ги изместува нормалните услови на перцепцијата на времето…
Електронското издание од англиската верзија на публикацијата можете да ја преземете во делот Издаваштво – Филмософија.