XXXIII МЕЃУНАРОДНА ФИЛОЗОФСКА ОЛИМПИЈАДА

Во периодот 15-18 мај во Бари, Италија, се одржа 33-та Меѓународна филозофска олимпијада (International Philosophy Olympiad, IPO). На Олимпијадата учествуваа 130 учесници од 53 држави, меѓу кои и двете ученички, победнички на македонски натпревар: Катерина Малеска (СОУ „Д-р Ибрахим Темо“ – Струга) и Ања Миленкова (СУГС „Орце Николов“ – Скопје). Во нашиот тим во Бари беа и координаторот на македонската филозофска олимпијада, проф. Фросина Постолоска и менторот, проф. Дијана Милеска – Чуркоска. Ова беше четврта година како во организација на Филозофското друштво на Македонија наши ученици учествуваат на овој престижен натпревар.
Организатори на натпреварот во Италија беа професори од универзитетот „Aldo Moro“ – Бари; професори од Универзитетот „Sapienza“ – Рим; генералниот секретар, членови од областа на културата и волонтери (студенти) од универзитетот „Aldo Moro“. Главни обраќања на настанот имаа: Константино Еспосито (професор по Историја на филозофија и Историја на метафизика на Универзитетот во Бари), проф. Хеисок Ким (претседателка на FISP) и Емидио Спинели (професор на Универзитетот во Рим).