ЧЕТВРТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЛОГИКАТА

Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по четврти пат ќе го одбележат Светскиот ден на логиката. По тој повод, ќе се одржи онлајн предавање на тема: НАУКА БЕЗ ЛОГИКА: НУЖНОСТ ИЛИ ВЕРОЈАТНОСТ?, со м-р Максим Никифоровски.
Максим Никифоровски завршил додипломски студии на Филозофскиот факултет во Скопје, додека магистерски студии по логика и филозофија на науката на универзитетот во Минхен, Германија (магистерска теза: „Explanation, Understanding and Psychiatry“). Негово поле на истражување е филозофијата на когнитивните науки и, поконкретно, психијатријата. Работел во Европската Комисија како стажант при филмскиот фонд „Креативна Европа“, а моментно работи како истражувач и самостоен режисер (се јавува како автор /сценарио, режија, продукција/ на неколку краткометражни и документарни филмови).
Предавањето ќе се концентрира на врската меѓу науката и логиката уште од зачетоците на Западната филозофија. Родени од истиот импулс – систематски да се разбере природата, низ развојот на западната мисла, нивната врска претрпела повеќе промени. Од првите математички формализации на логиката, до создавањето на научниот метод во нововековието, па сѐ до подемот на компјутерските науки и вештачката интелигенција, нивниот однос е повеќеслоевит и навидум нераскинлив. Сепак, во современоста, се наметнува прашањето дали логиката е нужно поврзана со науката или пак е веќе заменета од теоријата на веројатноста како своевиден најнов органон на современата наука?
Светскиот ден на логиката е востановен од УНЕСКО и од Меѓународниот совет за филозофија и хуманистички науки (International Council for Philosophy and Human Sciences) и започнува да се одбележува на 14 јануари 2019 година со идеја подигнување на свесноста за значењето на логиката, како една од темелните филозофски дисциплини за развојот на човековите знаења во сите области и за унапредување на културата на дијалогот и заемното разбирање.
Настанот ќе се одржи на 14 јануари (вторник) со почеток во 18 часот и ќе може да се проследи преку Zoom – онлајн платформата на следниот линк:
https://zoom.us/j/5129135659?pwd=d3puc1k0S0tiZ2tZTmZZZXM4czhWZz09