Светскиот ден на логиката започнува да се се одбележува во 2019 година, кога УНЕСКО и Меѓународниот совет за филозофија и хуманистички науки (International Council for Philosophy and Human Sciences) го востановуваат 14 јануари за ден кога посебно ќе се потенцира важноста на логиката. 14 јануари не случајно е избран за ден кога ќе се прославува логиката; имено тој ден е поврзан со двајца големи великани на современата логичка мисла – Алфред Тарски (роден на тој ден во 1901 година) и Курт Гедел (умира тој ден во 1978 година). Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне глобалната свесност за значењето на логиката, како една од темелните филозофски дисциплини, за развојот на човековите знаења во сите области и за унапредување на културата на мирот, дијалогот и заемното разбирање.
Веќе од 2022 година, Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Филозофското друштво на Македонија се вклучуваат во низата меѓународни академски настани организирани по повод Светскиот ден на логиката, афирмирајќи го виталното значење на логиката и на нејзината примена во филозофијата, науката, технологијата и иновациите во современиот свет.