Мирко Ѓошевски добитник
на наградата „Константин Философ“
за животно дело за 2024 година

Филозофското друштво на Македонија известува дека добитник на наградата „Константин Философ“ за Животно дело за 2024 година е проф. д-р Мирко Ѓошевски. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 27 март 2024 год., а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври. Извршниот одбор на Друштвото формира Комисија за доделување на наградата во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет во Ниш (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска, редовен професор во пензија на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска, вонреден виш истражувач на Универзитетот Кентербери во Крајстчерч, Нов Зеланд (членови). Комисијата донесе едногласна одлука наградата да му припадне на проф. д-р Мирко Ѓошевски.

Во образложението Комисијата детално ги потенцира трите суштински одредници за оваа награда истакнати во Конкурсот: (1) вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, (2) филозофското образование и, (3) афирмација на филозофијата во земјата и во странство. Понатаму Комисијата, меѓудругото, посочува и дополнителни увиди: „… Проф. д-р Мирко Ѓошевски е методичен, систематичен, посветен и трпелив филозофски и културен деец. Тој оди по патот што го започна неговиот ментор, проф. д-р Митко Илиевски, незаборавниот македонски Сократ, кој им беше пример на многу генерации студенти. … Доделувањето на наградата ‘Константин Философ’ на проф. д-р Мирко Ѓошевски покажува дека постојаноста, посветеноста и упорноста се значајни за подемот и доблеста на филозофското творештво во полза на поединецот и колективот, студентите и Институтот, како и за севкупното функционирање на општеството во целина.“

Мирко Ѓошевски (1948) е припадник на, условно кажано, втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза ја брани на Филозофскиот факултет во Белград (1987), додека докторската дисертација на Филозофскиот факултет во Скопје (1994). Целокупната своја професионална кариера ја поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде што ги предава фундаменталните филозофски дисциплини: Онтологија, Теорија на познание и Методологија, како и неколку други предмети. Автор е на четири филозофски книги, како и на голем број статии, огледи и студии, објавени во релевантни домашни и меѓународни списанија, зборници, годишници… Професорот Ѓошевски е раководител на Институт за филозофија (2009–2013), претседател на Филозофското друштво на Македонија (2007–2011)…

Професор Ѓошевски беше номиниран од страна на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Наградата ќе биде свечено врачена на одбележувањето на Светскиот ден на филозофијата, на 21 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.