Естетика: естетички категории – проф. Џепароски

Во издание на издавачката куќа „Аз-Буки“ како дел од едицијата „Филозофски дисциплини“ излезе од печат книгата „Естетика: естетички категории“ од проф. д-р Иван Џепароски. Филозофот, естетичар, теоретичар на културата и поет, Иван Џепароски, е автор на повеќе значајни филозофски дела („Во потрага по изгубениот тоталитет“, 1993; „Уметничкото дело“, 1998/2008; „Отаде системот“, 2000; „Естетика на возвишеното“, 2008; „Дискурси на визуелното“, 2014; „Култура и книжевност“, 2016 и др.), а за своето творештво е добитник на мноштво општествени признанија: „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Григор Прличев“ (1993), „Браќа Миладиновци“ (2016). Професор Џепароски е актуелен раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје каде што ги предава предметите Естетика и Филозофија на културата.

Книгата „Естетика: Естетички категории“ е прва студија на македонски јазик посветена на анализа на основните естетички категории: „убаво“, „возвишено“, „трагично“, „комично“, „милно“ и „грдо“ во нивниот историски и теориски развој. Истовремено, во воведот и во првата глава се дава и преглед на актуелните состојби во рамките на дисциплината естетика, а се толкуваат и мета-естетичката категорија „естетско“, како и категориите „вкус“, „уметничко дело“ и „естетско искуство“. На тој начин, авторот презентира оригинално толкување на системот на естетичките категории, со што нашата филозофска и културна јавност ја збогатува со извонредна студија за темелите на естетиката како филозофска дисциплина.

Книгата може да се најде во книжарниците „Или-Или“ и „Полица“.

You may also like...