PHILOSOPHIA CHRISTIANA 2026
Информираме за настаните што ги организираат нашите колеги од Фондацијата „Свети Фотиј Велики“, односно годинешните две панел дискусии во рамките на Форумот за интердискурзивен дијалог “Philosophia Christiana”.
Првата дискусија, на тема: „ Театарот и философијата во европската култура“ ќе се одржи на 7 октомври (среда, 19ч.), во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје. Гости на првиот панел се: Георги Каприев (Философски факултет, Универзитет „Свети Климент Охридски“, Софија, Бугарија), и Иван Додовски (Факултет за странски јазици, Универзитет Американ колеџ, Скопје). Традиционален домаќин на сите дискусии е основачот на Форумот, отец Милан Ѓорѓевиќ, професор на Православниот Богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при УКИМ – Скопје.

Театарот и философијата се две различни, но длабоко поврзани сфери на доживување, интерпретација и изразување на стварноста. Од античкиот полис, преку средновековието, па сѐ до современата европска култура – тие постојано ги отвораат прашањата за човекот, личноста, слободата, творештвото, доблеста и општењето. Театарот не е само претставување на стварноста, туку простор во кој таа се преиспитува, се преосмислува и се споделува со другите.
Разговорот со двајцата исклучителни гости, Георги Каприев и Иван Додовски, ги спојува токму овие различни перспективи. Каприев, како философ и долгогодишен театарски критичар, ги поврзува западната и византиската философска традиција со прашањата на современиот човек и европската култура; Додовски, како теоретичар на книжевноста и театарот и претседател на европската мрежа за современа драма и театарски превод „Eurodram“, го отвора прашањето за театарот како место на творештво, општење и средба меѓу различни јазици и култури.
Оттука разговорот ќе се фокусира околу местото на театарот и философијата во европската култура: за нивната улога во обликувањето на европскиот идентитет, за односот меѓу Истокот и Западот и проникнувањето на културите, но пред сè за тоа зошто на човекот воопшто му се потребни философијата и театарот – и што тие можат да му кажат за него самиот и за светот во кој живее.
Втората дискусија од Форумот ќе се одржи наредната вечер (8 октомври, четврток, 19ч.), во Europe House Skopje, и на неа ќе земат учество: Андреас Шпеер (Thomas Institute, University of Cologne, Германија), и Катерина Колозова (Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје).

Метафизиката со векови била во фокусот на философската мисла: прашањето за битието, стварноста, човекот, светот и Бога било неразделно од самото разбирање на философијата. Но, модерната мисла постојано ја доведува метафизиката во прашање – од критиката на нејзините граници, преку обидите за нејзино надминување или отфрлање, до говорот за „крајот на метафизиката“.
Сепак, метафизичките прашања не исчезнуваат. Што е стварноста? Што значи да се бидува? Дали човекот и светот можат да се разберат само преку науката и емпириското знаење? Дали прашањата за смислата, слободата, личноста, Бога и трансценденцијата сè уште имаат место во современата философија?
Разговорот „Метафизиката – мртва или жива?“ тргнува токму од оваа противречност: метафизиката не еднаш била прогласувана за надмината, а сепак постојано се враќа во философската мисла. Затоа прашањето не е само дали метафизиката преживеала, туку и каква метафизика е можна денес, што може таа да ни каже за човекот и стварноста и зошто повторно се јавува потребата од неа.
Настаните се од отворен карактер, односно сите се добредојдени да ги збогатат случувањата со своето присуство.
Работни јазици на првите панел се македонскиот и бугарскиот јазик, додека на вториот, англискиот јазик.



