Во организација на Македонската академија на науките и уметностите, Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, Филозофскиот факултет при УКИМ и Филозофското друштво на Македонија се одржа 6. Меѓународен филозофски дијалог „Исток – Запад“. Годинешна тема на симпозиумот беше „Филозофија на меморијата“ (Philosophy of Memory), а гости беа филозофи, научници и истражувачи од Србија, Босна и Херцеговина, Русија, Хрватска, Словенија, Грција, САД, Бугарија и Македонија. Симпозиумот се одржа од 6-8 октомври во Скопје и Свети Николе. Отворањето беше во просториите на МАНУ на 6 октомври (среда) со почеток во 11 часот. Работен јазик на симпозиумот беше англискиот јазик.
Дијалогот претставува конструктивна филозофска/научна платформа којашто првпат се одржа во 2015 год., кога по идеја на британскиот филозоф Стивен Прист беше организиран тридневен симпозиум на тема „Наука и религија“. Во наредните години теми на дијалогот беа: „Правото меѓу политиката и етиката“ (2016), „Филозофија на образованието & филозофија во образованието“ (2017) и „Биоетиката на крстопат“ (2018), „Кризата на идејата за Европа“ (2019), на кои учествуваа гости од дваесеттина земји.
Оваа година настанот имаше хибридна форма – како класична конференција со физичко присуство (присуството беше ограничено согласно моментните епидемиолошки протоколи за настани во затворени простории) и преку ZOOM – онлајн платформата.