Христијански филозофски форум

Фундаменталните философски прашања во современата европска мисла се конструирани и дискутирани во релација со религискиот дискурс на христијанството. Всушност, христијанската култура ја има улогата на референтна точка на различни прашања и дебати. Христијанскиот философски форум има мисија да ги отвори овие теми и да дискутира околу нивниот однос со оваа референтна точка, експлицирајќи ги при тоа експлицитните и имплицитните димензии на тој однос. Христијанскиот философски форум дејствува како дијалошка платформа која се состои од дискусии на различни философски, теолошки, социјални, политички, етички и културни теми, а водена од отец д-р Милан Ѓорѓевиќ (Богословски факултет, УКИМ – Скопје) и д-р Ристо Солунчев (Философски Факултет, УКИМ – Скопје). На секоја од дискусиите домаќините ќе дискутираат со уште двајца гости релевантни за темата.

Првата дискусија: ARCHE

Во првата дискусија се сосредоточивме врз полисемантичниот поим ARCHE, кој може да се преведе како: почеток, потекло, начело, но исто така и како власт и началство. Дискусијата рефлектираше врз основните значења на предложениот термин, но исто така и на импликациите на современите социо-политичките стварности во неговата интерпретација.

Гости:

  1. Проф. д-р Иван Додовски (UACS School of Pilitical Science, UAC – Skopje).
  2. Проф. д-р Ненад Марковиќ (Правен факултет, УКИМ – Скопје).
Втора дискусија: PATER

Втората дискусија на Христијанскиот философски форум се занимава со зборот PATER (татко, отец) кој игра конститутивна улога при формирањето на некои од најзначајните теолошки и философски концепти, како и на некои основни концепти во современата психоаналитичка и феминистичка теорија. Од Бога Отецот до идејата за патријархатот, од аскетската фигура на духовниот отец до симболичкиот патернализам во Лакановата психоанализа – концептот PATER е незаобиколен дискурзивен фермент на европската мисла.

Гости:

  • Епископ м-р Климент Хераклејски (Македонска православна црква – Охридска архиепископија)
  • Д-р Катерина Колозова (Институт за општествени и хуманистички науки – Скопје)
Трета дискусија: POIESIS

Што е творештвото? Зошто некои луѓе тежнеат кон тоа да го устројуваат светот што ги опкружува? Што е она што ги прави луѓето истрајни во творештвото, дури и тогаш кога она што го прават не е разбрано и поддржано од средината? Како е можно искуства и способности стекнати во една сфера на творештвото да се изразуваат преку други творечки дискурси? На кој начин човекот преку креативноста му се уподобува на Бога, разбран како творец и седржител на светот? Старогрчкиот поим POIESIS е изведен од зборот poieo (што значи „правам“), стои во основата на зборот „поезија“, а во најопшта смисла означува „целенасочено дејствие“. Третата дискусија на Христијанскиот философски форум ќе се сосредоточи на овој базичен филсофски поим и преку него ќе се обиде да фрли светлина врз погоре поставените прашања.

Гости:

  1. Д-р Владимир Мартиновски (Филолошки факултет – Скопје)
  2. Горан Трајкоски (Македонски народен театар)
Четврта дискусија: AION

Четвртата дискусија на Христијанскиот философски форум е посветена на фундаменталниот философски и теолошки концепт AION. Тој стои во основата на класичната философска космологија, укажувајќи на различни димензии на временото и вечното. Христијанската теологијата се надоврзува на класичната традиција, правејќи разлика помеѓу „овој AION“ на минливиот живот и „идниот AION“ на Божјо царство. Латинскиот пандан на AION, saeculum, стои во коренот на современите поими „секуларен-секларизам-секуларизација“. Со тоа, пак, се отвора актуелното прашање околу односот меѓу религиајта и секуларното општество, како и бројните потпрашања кои произлегуваат од него.

Гости:

  1. Проф. д-р Георги Каприев (Философски факултет при Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Р. Бугарија);
  2. Проф. д-р Владимир Петрушевски (Природно-математички факултет при УКИМ).
Петта дискусија: PAIDEIA

Класичниот образовен идеал, изразен преку концептот paideia, претставува сеопфатен процес на воспитание и образование на идеалниот член на старогрчкиот полис и има за цел вклучување во неговиот аристократски поредок. Основниот идеал што стоел зад воспитно-образовниот процес била складноста на личноста, која ги опфаќала интелектуалната, етичката и физичката сфера. На тој начин, изучувањето на математиката и медицината било неразделно од уметноста и музиката, од реториката и граматиката, од воената и физичката подготовка, од философијата и теологијата. Истиот идеал, во различни форми, се сретнува во источното и западното средновековие, како и во ренесансниот и постренесансниот период. Денес, пред нас се поставуваат следните прашања: Дали во современото образование има простор за идеалот на paideia? Дали современите социјални и економски околности го обесмислуваат самото постоење на еден воспитно-образовен систем заснован на античкиот идеал на kalokagathia? Дали изучувањето на уметностите, книжевноста, философијата и теологијата претставува непотребен товар на општеството базирано врз „доблеста“ на профитот? Петтиот Христијански философски форум ќе се осврне на овие прашања и ќе се обиде ја лоцира улогата на философијата во евентуалното реактуелизирање на концептот paideia во современото воспитание и образование.

Гости:

  1. д-р Бошко Караџов (Гимназија „Кoчо Рацин“ – Велес)
  2. Драгица Солунчева (Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје)
Шеста дискусија: PHAENOMENON

Поимот феноменон ја вознемирува сета западна философија и нејзината метафизичка одреденост. Старогрчкиот термин го означува она што се појавува. Историски изникнала дихотомијата фајноменон-ноуменон како можност за ничкосување во дуализам. Но, дали ние ги знаеме само појавите, и дали има нешто што во појавите се појавува а притоа останува онтолошки различно од самата појава, од самото сопствено појавување? Ако се спознава само појавата тогаш како воопшто може да се тврди дека има нешто друго освен појавата, па дури и дека во појавата токму тоа друго се појавува, но дека останува онтолошки друго од сопствената појава? Дали идејата за моралноста е обид да се превозмогне бездната меѓу феномените и ноумените, и како таа да се заснова? Искуството на уметноста е гранично искуство на вистината и заедно со етиката претставуваат последно упориште на отворената апофатика. Појавата може да остане феномен, но може да биде и символ што директно се укрепува во ноуменот, а не може докрај да се кодира. Се чини дека просторот на визуелното и етичкото посредување се директно укрепени во неможноста да се укине несогласувањето како услов за поместување на херменевтичкиот хоризонт.

Шестиот Христијански философски форум ќе се осврне на овие прашања обидувајќи се да рефлектира за поимот феномен низ конкретни перспективи.

Гости:

  1. д-р Џонатан Давид Брант (Теолошки факултет, Оксфорд)
  2. д-р Кристофер Давид Ландау (Канцеларија за религиозни прашања на ВВС)
Седма дискусија: EUROPA

Кралската ќерка EUROPA била толку лична и раскошна што самиот Ѕевс се вљубил во неа, па во вид на бел бик ја однел на островот Крит каде што со неа имал три синови. Античкиот митолошки архетип во многу нешта го отсликува духовниот етос на европскиот континент. Еднаш средиште на политеистичката религија на грчко-римската цивилизација, таа станува невеста на едниот Бог Слово, со векови носејќи го епитетот „христијанска“. Таа истовремено била засолниште и место на прогонство на јудаизмот, и предмет на желбата и соблазна за исламот. Секоја од трите големи монотеистички религии изградила нераскинливи врски со континентот, кој денес, во викторијански манир, под превезот на секуларната индиферентност, жеднее по белиот бик што ќе ја понесе на своите плеќи кон копното опкружено од брановите на морето на овој свет и век. Прашањето за местото на религијата во Европа денес е поактуелно од кога и да е, како што и прашањето за потиснатите желби и фантазии е суштинско во психоанализата. Седмиот христијански философски форум ќе се обиде да ги узнае патиштата кон актуализацијата на колективниот религиозен архетип во контекст на современата европска култура. При тоа ќе се обидеме да излеземе од тесните и стерилни рамки на концепцијата за „меѓурелигискиот дијалог“ и, нурнувајќи се во длабочините на нашето заедничко минато, ќе тргнеме во потрага по скриениот божествен ерос на преубавата EUROPA.

Гости:

  1. д-р Кица Колбе (философ и писател)
  2. доц. д-р Свилен Тутеков (Унив. „Св. Кирил и Методиј“ – Велико Трново, Бугарија)
  3. проф. д-р Метин Изети (Државен универзитет во Тетово)
  4. доц. д-р Трајче Стојанов (Унивезритет „Гоце Делчев“ – Штип)